МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ
Како да станете медицинска сестра
Образование
Со звањето „медицинска сестра„ се стекнуваат лицата кои се стекнале со 4 годишно средно стручно образование, здравствена струка, образовен профил медицинска сестра. Лицата кои се стекнале со квалификации, вршењето на здравствената дејноста на медицинска сестра им се овозможува по завршување на приправничкиот стаж, положувањето на стручниот испит и запишувањето во Регистарот на медицински сестри.
Студиите на медицинските сестри на вишо и високо образование се смета за продолжување на образование кое обезбедува висока стручна наобразба, согласно со прописите на високите медицински школи.
Додатното усовршување на медицинските сестри се спроведува во случај кога опсегот и сложеноста на работата побарува додатна едукација, односно специјализација во одредена област од здравствената заштита.
Додатното усовршување на медицинските сестри се спроведува и во здравствените установи.
Неколку медицински училишта во Република Северна Македонија нудат програми за средно образование со кои се стекнува диплома за медицинска сестра.
Училишта за стручно образование и обука кои нудат програми за медицинска сестра:
1. Општинско средно медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи’’ – Битола
2. Средно стручно општинско училиште „ Димитрија Чуповски“ – Велес
3. Средно општинско медицинско училиште „Гостивар” – Гостивар
4. Општинско средно училиште „Мирко Милески” – Кичево
5. Општинско средно техничко училиште „Наце Буѓони” – Куманово
6. Средно општинско стручно училиште „Св.Климент Охридски“– Охрид
7. Средно општинско училиште „Ѓорче Петров“ – Прилеп
8. Средно медицинско училиште на град Скопје „Д-р Панче Караѓозов’’ – Скопје
9. Средно училиште на град Скопје „Цветан Димов’’ – Скопје
10. Средно училиште на град Скопје „Шаип Јусуф’’ – Скопје
11. Средно општинско училиште „Нико Нестор” – Струга
12. Средно општинско училиште „Димитар Влахов” – Струмица
13. Средно општинско медицинско училиште „Никола Штејн” – Тетово
14. Средно општинско училиште „Јане Сандански” – Штип
15. Средно општинско училиште „Богданци” – Богданци
Обука и сертификати
Mедицинскитe сестри, имаат потреба од континуирана надградба на знаењата, способностите и вештините, преку обуки и други облици на стручно усовршување кои се однесуваат на тековните достигнувања во медицината, научните истражувања, медицинската технологија, унапредувањето на комуникациските и социјалните вештини, системите за обезбедување на квалитет и стандардите на здравствената нега кои се однесуваат на дејноста што ја вршат.
Обуките и стручното усовршување, се стекнуваат преку учество на стручни семинари, конгреси и други стручни собири.
Медицинските сестри како професија спаѓаат во групата на регулирани професии со закон и подзаконски акти, со кои се регулирани професиите и надлежните институции за секоја професија.
http://www.mon.gov.mk/images/Preliminarna_lista_na_regulirani_profesii_MK.pdf
Во Република Северна Македонија се регистрирани повеќе здруженија на медицински сестри, техничари и акушерки кои се борат за интересите на сите медицински сестри, техничари и акушерки.
Напредување
Медицинска сестра со општ профил е здравствен работник кој врши здравствена дејност и дава здравствена нега на примарно, секундарно и терцијарно ниво на здравствена заштита.
Со успешно завршување на студиската програма од прв циклус на студии со која се стекнува со образование и квалификации од VIБ ниво за вршење на здравствена дејност на медицинска сестра, лицето се стекнува со звање „дипломирана медицинска сестра” односно „дипломиран медицински техничар”.
Медицинска сестра со специјалистички профил е здравствен работник кој врши здравствена дејност и дава здравствена нега во потесна област на здравствената дејност, односно специјалност на определено ниво на здравствената дејност напримарно, секундарно и терцијарно ниво на здравствена заштита. Со успешно завршување на студиската програма од втор циклус на студии со која се стекнува образование и квалификации од VIIБ ниво за вршење на здравствена дејност на медицинска сестра со специјалистички профил, лицето се стекнува со звање „специјалист по сестринство”.
Квалификации од VIII ниво и стекнување на звање доктор по сестринство односно акушерство за вршење на здравствена и акушерска дејност може да се стекнат со успешно завршување на студиската програма од трет циклус на студии на странска високообразовна установа чии студиски програми и квалификации ги исполнуваат барањата на европските директиви за регулираните професии и се признаваат во Република Македонија.
Важни квалитети
Комуникациски вештини. Медицинската сестра постојано комуницира со пациентот и со членовите на семејство. Таа ја спроведува и врската меѓу докторот и пациентот. Покрај тоа медицинската сестра е задолжена да го едуцира пациентот за терапијата која ја препишал докторот, а тој треба да ја прими. Му објаснува на пациентот зошто се прима таа терапија, како се пијат одредени лекови, на колку време се земаат, кои се несаканите ефекти и како треба да се комбинираат. Исто така, медицинските сестри даваат совети за третманот во домашни услови.
Сочувство. Медицинските сестри треба да се грижат и да се сочувствуваат кога се грижат за пациентите.
Одговорност. Одговорност преку која треба на пациентите да им овозможат правилни третмани и во вистинско време со што развиваат голема доверба и сигурност на пациентите. Емоционална стабилност. Треба да имаат способност за управување со своите емоции (синдром на согорување) или т.н. емпатичност и да се справат со човечките страдања во вонредни состојби и други стресови.
Организациски вештини. Медицинските сестри често работат со повеќе пациенти со различни здравствени потреби. Организациските вештини треба да бидат од суштинско значење за правилен распоред на интервенциите со цел секој пациент да добие соодветна грижа.
Физичка кондиција. Медицинските сестри треба да бидат физички спремни за да ги извршуваат физичките задачи, како што се подигнување и преместување на пациентите за кои имаат и помош од помошниот персонал (болничари).