ВЕТЕРИНАРИ

ВЕТЕРИНАРИ

Како да станете ветеринар/ка

Образование

Ветеринарите во Република Северна Македонија мора да имаат завршено високо образование.  Студиската програма на Факултетот за ветеринарна медицина  е во траење од пет ипол годишни интегрирани студии со 330 кредити со што се стекнувате со диплома за Доктор по ветеринарна медицина (еквивалент на магистер). Професијата ветеринарен лекар како во Република Македонија така и во Европската унија е вброена во т.н регулирани професии (што значи дека таквите професии се од посебен јавен интерес), поради што со посебна директива е одредено времетраењето на студиите (најмалку 5 години), предметите кои треба да се слушаат, како и тоа дека мораат да бидат организирани како интегрирани студии (прв и втор циклус). По завршувањето на факултетот за добивање на лиценца за работа ветреинарите се обврзани на 6 месечен стаж под менторство, по кој се поднесува барање за лиценца за работа, која е со важност од 5 години. Лиценцата за работа ја издава Ветеринарната комора на Република Северна Македонија.

Листа на акредитирани студиски програми можат да се најдат на официјалната страна на министерството за образование и наука:

http://www.mon.gov.mk/index.php/dokumenti/akreditacii

Во моментов има 2 акредитирани факултети каде може да се стекне титулата Доктор по ветеринарна медицина:

  • Факултет за ветеринарна медицина – Скопје
  • Ветеринарен факултет – Битола

Лиценци, овластувања и регистри

Ветеринарите во Македонија потребно е да се зачленат во Ветеринарната комора на Република Северна Македонија[1] поради добивање на лиценца за работа од истата, за извршување на работа Доктор по ветеринарна медицина.   Целта на Комората е да ги штити и застапува стручните, економските интереси и професионалната чест на своите членови и да се грижи за исполнување на професионалните обврски. Врз основа на Законот и Статутот ги извршува следниве задачи:

  1. води регистар на членовите на Комората;
  2. на членовите им издава, продолжува и одзема лиценца за работа;
  3. го контролира и следи работењето на докторите по ветеринарна медицина;
  4. утврдува Кодекс на професионалните етички должности и права и го следи неговото спроведување;
  5. формира Суд на честа, кој разгледува и одлучува за повредите на Кодексот од страна на членовите на Комората и води дисциплинска постапка;
  6. планира и организира курсеви за унапредување на професионалните способности, научните знаења и експертиза за актуелни и значајни прашања од ветеринарен интерес;
  7. ги утврдува најниските цени на ветеринарните услуги,освен за услугите кои се од јавен интерес;
  8. по барање на Министерството, дава мислење и предлози при процесот на донесување акти со кои се регулираат прашањата, условите и начинот на вршење на ветеринарната дејност;
  9. донесува статут на Комората;
  10. обезбедува правна и професионална помош на своите членови;
  11. иницира покренување на постапка кај надлежните органи против лицата кои неовластено вршат  ветеринарна дејност;
  12. им помага на докторите на ветеринарна медицина при барањето на работа;
  13. организира и извршува издавачка и информативна дејност ;
  14. врши други работи и активности врз основа на јавните овластувања утврдени со Законот за ветринарно здравство, другите закони и со Статутот на Комората.

Обука

Покрај формалното образование и лиценцата, ветеринарите се должни да ги унапредуваат своите знаења преку стручно усовршување и континуирана едукација со цел продолжување на лиценцата за работа. Стручното усовршување го организираат и спроведуваат наставни и научни институции, стручни здруженија, државни органи, правни лица во областа на ветеринарството.

Ветеринарната комора на Македонија има донесено правилник за облиците на стручното усовршување, критериумите и бодовите за обновување на лиценцата за работа.

 

Напредување

Ветеринарните доктори, можат да се специјализираат во некоја сродна област или да напредуваат во некоја од струките наведени во делот активности. Исто така ветеринарните доктори можат и да се запишат и на третиот циклус на студии кои претставуваат надградба во заокружувањето на стручните вештини и компетенции и способностите за научно-истражувачка работа на дипломираните доктори по ветеринарна медицина и другите сродни дисциплини, со што ќе се стекнат со  научен степен:

  • Доктор на науки по ветеринарна медицина, или
  • Доктор на науки по безбедност на храна.

Потребни вештини

Сочувство. Ветеринарите мора да бидат сочувствителни кога работат со животни и нивните сопственици. Тие мора да ги третираат животните со љубезност и почит, и мора да бидат чувствителни кога се занимаваат со сопствениците на животни.
Комуникациски вештини. Силните комуникациски вештини се од суштинско значење за ветеринарите, кои мора да бидат способни да разговараат за нивните препораки и да ги објаснат опциите за третман на сопствениците на животни и да дадат упатства на нивниот персонал.
Вештини за донесување одлуки. Ветеринарите мора да одлучат за точниот метод за лекување на повредите и болестите на животните.

Прецизност и концетрираност. Прецизноста во работата е важна за ветеринарите, бидејќи тие мора да ги контролираат движењата на телото и да бидат прецизни кога третираат повреди и вршат хируршки зафати.                 .
Вештини за решавање на проблеми. Ветеринарите имаат потреба од одлични дијагностички способности, во моментите за спасување на болните  животни, за утврдување на ефектите од терапијата со лекови.

[1] http://www.mvk.org.mk/mk/

Види занимања
за споредба

Задолженија на работното место

Ветеринарите спроведуваат истражувања, унапредуваат и развиваат сознанија, теории и оперативни методи за работа и применуваат медицински знаења во областа на ветеринарството. Се занимаваат со спречување на болести и лекување на широк спектар на животни или специјализирани за одредена група на животни, а се занимаваат и со научно – истражувачка работа.

Потребно образование при вработување

Високо образование

Просечна месечна нето заработувачка

23.784 МКД

Слободни работни местa

5